Забраната за сообраќај во југозападниот дел на Украина денеска е укината. Од Одеса кон Бугарија ќе тргнат два автобуси со вкупно 110 бугарски државјани. Обезбедена е полициска придружба.
Покрај бугарските државјани, генералниот конзулат на Бугарија во Одеса помага и за депортирање на украински државјани од друга националност, меѓу кои и Македонци, Грци и Италијанци. Нова ТВ во прилог од Одеса го прикажа младиот македонски државјанин Стефан, кој денеска со бугарски автобус ќе замине преку Романија и Бугарија во Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стефан вели дека состојбата во Киев и Харков е многу лоша и дека оваа нестабилност ќе се продлабочува. Тој објасни дека во Македонија го чека мајка му, која знае дека денеска ќе ја напушти Одеса. Стефан веќе три месеци живее со својата девојка од Украина во Одеса.
Бугарското Министерство за надворешни работи продолжува да прави максимални напори за да обезбеди безбеден коридор за нашите сонародници да бидат изнесени од Киев. Бугарската амбасада во Киев исто така работи не само со бугарски државјани, туку и со странски државјани кои сакаат да ја напуштат Украина.
Од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија попладнево информираа дека две семејства македонски државјани од Одеса, Украина веќе се дел од коридорот обезбеден преку координација со Владата на Република Бугарија и дека се очекува во текот на денот да пристигнат во Бугарија.