Претставници на бугарските здруженија во Република Македонија денеска ќе остварат средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Средбата е на барање на Османи и се одржува ден пред да истече законскиот рок за пререгистрација на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и провокација која што предизвикува тензии меѓу Скопје и Софија.

Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Клубот „Цар Борис III“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура. Тоа не е случај и со битолскиот клуб „Иван Михајлов“, кој најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународниот суд во Стразбур.

За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање за промени согласно новите измени на Законот за здруженија и фондации, велат од Централен регистар за DW.

Првиот човек на клубот, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели дека нема намера да го менува името на клубот и ќе ги искористат сите правни алатки за да ги остварат нивните права, па ако треба ќе ја тужат и државата во Стразбур.

Утре истекува рокот од три месециво кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации, според кои, здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Измените на Законот за здруженијата и фондациитестапија на сила на 16 ноември. Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот, не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16 март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба ги избрише.

Охридскиот клуб „Цар Борис III“ беше отворен лани во октомври, а за време на отварањето имаше протести на револтирани граѓани. Набрзо по отварањето клубот беше каменуван, па во него беше пукано, а сторителите на овие напади досега не се откриени. Неодамна, пак, во Охрид беше натепан секретарот на клубот Христијан Пендиков, по што Бугарија итно го евакуираше со авион, а охридското обвинителство за овој случај покрена обвинение против едно лице за напад врз етничка основа.

Битолскиот клуб „Иван Михајлов“ беше отворен лани во април во присуство на целиот бугарски државен врв, на чело со тогашниот премиер Кирил Петков.