Бугарското Народно собрание утре во 13 часот ќе одржи вонредна седница на која пратениците треба да гласаат за предложената коалициска влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на дневен ред предложен и одобрен од претседателот на Народното собрание е изборот на премиер на Република Бугарија, усвојување на структурата на редовната влада и нејзиниот избор од пратениците.
Кирил Петков, копретседавачот на најголемата политичка сила во новиот парламент – „Промените продолжуваат“ вчера од претседателот Румен Радев го доби мандатот за состав на новиот кабинет.
За да се прифати предложената влада и кандидатурата за нов премиер, потребни се 121 глас од вкупно 240 пратеници, потсетува дописникот на МИА од Софија. Четирите партии кои се согласија да формираат заедничка бугарска Влада имаат 134 пратеници.
Ова ќе биде прва редовна влада на Бугарија откако две привремени влади ја предводеа земјата за време на осуммесечната политичка криза.