Комитетот за надворешни работи го усвои Извештајот за 2023 и 2024 година

Победа за македонската дипломатија во Брисел. Со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го изгласа Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година. Тој беше подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава, Томас Вајц.

  • „Горд сум на целиот напор што го вложивме за да изградиме компромис и да донесеме добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство“, рече Вајц.

Тој потенцираше дека ЕУ ќе остане единстена на своите соседи.

  • „Европската Унија мора да остане единствена со своите соседи, особено во овој сложен геополитички момент. Северна Македонија и припаѓа на ЕУ. По две децении чекање, треба да го задржиме позитивниот момент за напредок во проширувањето“.

Бугарските европратеници бараат измени, но нивниот предлог не помина

Голем дел од бугарските европратеници остро се спротивставија на текстот, особено поради тоа што во Извештајот на два места се спомнува „македонски идентитет и јазик“. Тие предложија амандман, поднесен од германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, во име на Европската народна партија. Преку овој амандман се бараше во текстот да се додаде зборот „модерен“, со што би се добило „модерен македонски јазик“ и „модерен македонски идентитет“.

„Во име на групата, поднесуваме амандман на компромисите 1 и 10, со кој едноставно се додава зборот ‘модерен’ на четири места“, изјави Галер. Но, предлогот беше одбиен. Галер најави дека истиот амандман ќе биде повторно предложен на пленарната седница во Европскиот парламент.

Извештајот поддржува интеграција, но бара уставни измени

Во извештајот јасно се искажува поддршката за европските интеграции на земјава, но истовремено се нагласува потребата од усвојување на уставните измени. Се нотира и силна политичка поларизација, потреба од реформа на Изборниот законик и посилна борба против корупцијата.

Следниот чекор е гласање на извештајот на пленарна седница на Европскиот парламент, закажана од 7 до 10 јули во Стразбур.