БУГАРИЈА ПАК НЕ СПОМЕНА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Бугарските власти преку соопштение објавено на интернет страницата на бугарското Министерство за надворешни реагираше на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која тој рече дека на Бугарија ѝ пречело тоа што на македонски јазик е напишан Акцискиот план за малцинства, испратен од Македонија до Софија.
Бугарија изразува загриженост поради отстапувањата на Скопје од Европскиот консензус од 2022 година.
„Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“ , се наведува во соопштението.
Во него бугарската страна не го споменува македонскиот јазик, туку наведува „достапен јазик“ за граѓаните на Македонија.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од С Македонија е внатрешно прашање на земјата и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив“, се вели во соопштението.
Бугарија исто така наведува дека Планот за правата на заедниците бил претставен на англиски јазик.
„Изборот на Скопјe да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планирано реално да се спроведе“, се наведува во соопштението.
