Бугарското собрание едногласно ја усвои резолуцијата за европскиот напредок на Македонија

Бугарското Национално собрание денеска едногласно со 194 гласа „за“ усвои нова резолуција со која ја потврдува својата поддршка за европскиот пат на Република Македонија, но и поставува јасни услови и очекувања за спроведување на претходно постигнатите договори.

Резолуцијата, поднесена од пратеникот Тошко Јорданов од партијата ИТН и група пратеници, ја нагласува посветеноста на Бугарија кон европскиот консензус од јули 2022 година, при што се повикуваат македонските власти да ги исполнат своите обврски, без да се обидуваат да ги преговараат повторно или да ги заобиколуваат.

– Се работи за европски консензус меѓу земјата-кандидат и ЕУ како целина – не за билатерално прашање – се вели во резолуцијата, при што се потенцира значењето на заедничките протоколи и Договорот за добрососедство од 2017 година.

Во текот на вчерашниот ден премиерот Мицкоски категоричен беше во однос на уставните измени.

Мицкоски категоричен: Ќе нема уставни измени без Македонци во бугарскиот Комитет за малцинства

Повик до ЕУ: Да се гарантираат правата на Бугарите во Македонија

Собранието ја повика Европската Унија да продолжи со напорите за заштита на правата на Бугарите во Македонија, како и на другите заедници, барајќи инклузивен пристап кон прашањата на националниот идентитет.

Резолуцијата исто така упатува повик до меѓународните организации внимателно да го следат спроведувањето на човековите права во земјата. Бугарија бара тие да реагираат во случаи на дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија.

Акциски план за малцинските права – нов услов

Бугарија очекува Македонија да изработи и презентира Акциски план за заштита на правата на малцинствата. Според нив тој би бил дел од патоказот за владеење на правото и чија реализација ќе биде внимателно следена во текот на пристапниот процес.

– Очекуваме овој план да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за спречување на говорот на омраза и заштита на ранливите групи – стои во резолуцијата.

Дополнително, документот ја потврдува поддршката за Бугарите во Македонија и бара недискриминаторски третман за нив. Бугарската влада ќе ја испрати оваа резолуција до Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на Европа.

Уставните измени не се доволни

Во образложението, подносителите на резолуцијата потенцираат дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е само еден дел од обврските од европскиот компромис од 2022 година. Според нив, тоа мора да биде проследено со реални политики и заштита на правата.

– Очекуваме Република Македонија да преземе реални чекори против говорот на омраза и да обезбеди казнивост за сите форми на дискриминација – се наведува во меморандумот што го придружува резолуцијата.

Извор: Република