Во контекст на засилен бугарски притисок, министерот за надворешни работи Бујар Османи ги повика етничките Македонци слободно да ја изразат својата волја и убедување на пописот кој започна во Албанија.

„Драги Македонци, препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија, ве охрабрувам на пописот слободно да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец“, порача Османи.

Тој додаде дека деновиве сме сведоци на пропаганди кои треба да влијаат на нивната одлука, притоа не водејќи сметка за чувствата на Македонците, но тоа, како што рече шефот на македонската дипломатија, воопшто не треба да ги загрижува македонските граѓани од овој крај.

„Албанија е слободна земја, во која секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици“, додава Османи.

За крај порачува дека Македонија и Албанија се повеќе од соседи и најави дека македонските институции ќе останат во интензивна комуникација со Македонците и институциите во Албанија за сите прашања коишто ги засегаат.