Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“, Бујар Османи, откако излегоа првичните бројки за претседателските избори од седиштетот на ДУИ во тетовска Мала Речица, одржа прес-конференција каде беа присутни сите лидери на партиите од коалицијата. Тој изјави дека „Европскиот фронт“ издвојувал длабока победа наспроти албанската опозиција, со над 40 илјади гласа.
Волјата на народот е јасна и треба да се почитува
„Сакам да се заблагодарам на сите за поддршката за „Европскиот фронт“ и за мојата кандидатура. Ова е заедничка победа и оваа победа само докажува дека „Европскиот фронт“ станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава. Денес Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите докажаа дека тие сами одлучуваат за својата судбина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив. Волјата на народот денеска е јасна и треба да се почитува од сите“, истакна Бујар Османи.
Шефот на изборниот штаб на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека победата на „Европскиот фронт“ претставувал заеднички успех.
„Покажавме демократска зрелост, каква што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со Европската унија. Секако, сакаме да им се заблагодариме на сите граѓани кои гласаа за нашиот кандидат, д-р Бујар Османи. Сакаме да знаеме дека вашата волја е запишана и таа ќе биде дел од идните политики на Република Северна Македонија. Тоа е важно за тоа, што е суштината на демократијата. Граѓаните да одлучуваат за себе, граѓаните да одлучуваат за својата иднина и нивната волја да се почитува. Денес граѓаните го кажаа својот збор, а на нас е да ја преточиме таа волја во акција“, изјави Адеми.
Приврзаниците на ДУИ синоќа на тетовскиот плоштад и на плоштадот „Скендербег“ во Скопје славеа по објавата на првичните резултати од првиот круг од претседателските избори, според кои нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место.
Спектакуларна победа за коалицијата на „Европскиот фронт“
Вицепремиерот и министер за политички систем од редовите на ДУИ, Артан Груби, од плоштадот „Скендербег“ во Скопје каде беше лоциран Изборниот штаб на противкандидатот Таравари, изјави дека е ова спектакуларна победа за коалицијата на „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.
„Славиме победа на Европскиот фронт. Славиме дека ќе победиме со над 20 пратеници на 8-ми мај, на претседателските и парламентарните избори“, рече Груби.
Извор: МРТ