Германскиот парламент, познат како Бундестаг в четврток ќе гласа резолуција дека македонскиот народ и јазик се добредојдени во ЕУ. Бундестагот ќе расправа и ќе гласа за Резолуција за поддршка на зачленувањето на Македонија во ЕУ, на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски го поздравува овој најавен потег, но потсетува на слична таква Резолуција и во 2004 година.

Милошоски во изјава за МКД вели дека и во 2004 година германскиот Бундестаг донесе Резолуција со која се бараше користење на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација со Германија.

– Резолуцијата беше многу добра и со истата се бараше почитување на уставното име како еден од националните симболи на секоја суверена држава. Но, резолуцијата не беше обврзувачка за владата на официјален Берлин и нејзината примена никогаш не се случи – рече Милошоски.