Тројцата новоизбрани членови на Судскиот совет, судиите Мирјана Радевска Стефкова, Зоран Герасимовски и Ивица Николовски, на кои им се придружиле и останатите членови избрани од судиите: Мирсад Суроји, Мери Радевска и Сашко Георгиев, но и Весна Дамева, која е избрана на предлог на претседателот, на последната седница во четвртокот спречиле гласање на список без дебата.

Како што дознава „Сакам да кажам“ од седумтемина „бунтовници“, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на седницата влегла со список на кандидати за членови на управниот одбор и на комисиите за приемен и за завршен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Овие седум членови, не само што се избориле да се дебатира за судиите од списокот – кандидати за одлучувачки и битни места во Академијата, туку и најголемиот број не ги гласале. Тие се сега мнозинство и без нивните гласови, не може никој да биде избран.