Смената на кардиохирургот Сашко Јовев од директорското место на државната кардиохирургија, предизвика низа реакции во јавноста.

Не е од витално значње што нема пеницилин во државата, ама разрешувањето на проф. д-р Сашко Јовев беше е од витално значење, реагира на фејсбук д-р Маја Кирјас.

Најбитно беше да се разреши човекот кој максимално се вложи себеси во државата кардиохирургја. Сега е добредојден за извонредна сума во приватна болница! А при тоа нема пеницилин во државата. Тоа не е проблем од витално значење, да, д-р Јовев беше витален проблем!, пишува д-р Кирјас.

Елеонора, Димовска ќерка на чиј татко д-р Јовев му трансплантираше ново срце имаше што да му каже на министерот за здравство Фатмир Меџити кој вчера објави дека го разрешува од директорската позиција кардиохирургот Сашко Јовев.

Таа на својот фејсбук профил сподели објава:

„Во принцип на мојов профил најчесто гледате објави поврзани со шминка, и избегнувам да давам коментар на вакви теми, но овојпат оваа тема многу ме погодува, ме боли! Па затоа решив нешто да Ви кажам. Дали знаете кој е проф. д-р Сашко Јовев? За тие што не знаете, еве јас ќе Ви кажам.

Проф. д-р. Сашко Јовев до пред некој час директорот на Кардиохирургија е најуспешниот кардиохирург на нашиве простори, па и пошироко. Личноста која ги предводеше сите трансплантации на срце во нашата држава, спаси и продолжи безброј животи, е таа личност денес е разрешена од страна на НАДЛЕЖНИТЕ.

Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава еве и тоа ќе Ви го кажам, пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста која го прими срцето беше мојот татко. Па оттука можам да зборувам за она што го направил професорот.

Од една страна за жал, а од друга за голема среќа долг период секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија, и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара, а он да не е присутен, но по зборовите на НАДЛЕЖНИТЕ, можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.

И не, не го кажувам ова за да го бранам професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето кои спасуваат животи.

И знаете ли што ми е најголем проблем, тоа што познавајќи го професорот и целиот тим кој што е покрај него после ова ќе ја продолжат нивната кариера негде каде што ќе ги ценат, негде каде што ќе ги почитуваат, негде многу далеку од нашава Македонија, и тука нема да остане стручно лице кое ќе знае да го одржува во живот срцето на татко ми, срцата на сите трансплантираните, срцата на оние кои чекаат трансплантација, ако воопшто ја има во иднина.

Затоа што нивната работа не завршува кога ќе излезеш од болница, на располагање за 24 часа 365 дена во годината, секојдневно ја контролираат терапијата и ја дозираат. И сега навистина сум загрижена кој ќе ја преземе нивната работа, кој ќе го одржува во живот татко ми? Или твојот татко, мајка, сестра, брат, сопруг, сопруга…?

До кога ќе молчиме и ќе си прават кој што сака? До кога стручните лица ќе ги бркаме и ќе ставаме на позиција луѓе кои немаат допирна точка со позицијата, прочитавте? Новиот раководител на кардиохирургија е кардиолог, повторувам кардиолог е раководител на кардиохирургија, а не КАРДИОХИРУРГ.

Искрено се надевам дека сите оние кои учествувале во одлукава се молат еден ден нивниот или животот на нивните блиски да не зависи од РАЗРЕШЕНИОТ, затоа што благодарение на нив, нема да биде тука!“ се вели во објавата на социјалните мрежи.

 

Немав никаков притисок да го разрешам д-р Јовев, тврди министерот Меџити

Нема ниту притисок ниту политика во одлуката за смена на проф д-р Сашко Јовоев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија, кусо одговори денеска министерот за здравство Фатмир Меџити по денешниот настан на Клиниката за ендокринологија во Скопје.

Меџити уште кажа дека се утврдени нерегуларности во работењето на клиниката, откако стигнале информации до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).

Министерот вчера кажа дека законот ќе важи за сите, дека нема да толерира директори кои седат и спијат по пет години, 10 години, кои немаат никаков резултат.

„Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата“, рече Меџити.

Вчера проф. д-р Сашко Јовев рече дека решението за разрешувањето не го примил бидејќи за првпат е на боледување, но дека му било јавено оти е разрешен иако, како што нагласи, освен партиски побуди на министерот, сигурно дека не постојат други причини бидејќи резултатите од работата самите по себе говорат.

Тој за денеска напладне најави прес конференција,  а брифинг со новинарите во 15 часот закажа и министерот Меџити.

По неговото разрешување, јавноста сѐ повеќе го критикува разрешувањето, а му дава поддршка на доктор Јовев.

Јас не се плашам дека некој ќе ме смени. Ако има грешка од моја страна стојам на располагање, одговори Меџити на новинарско прашање дали се плаши дека ќе ја загуби функцијата по смената на доктор Сашко Јовев од директор на Клиниката за кардиологија.