Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава Калифорнија, каде од 26 декември досега 19 лица загинаа во невремето што предизвика поплави, прекин на електричната енергија, евакуација и затворање патишта. Вчера нови врнежи од дожд и снег во планините погодија многу области на оваа држава.
Белата куќа соопшти дека Бајден одобрил федерална помош за државните и локалните служби за опоравување во областите погодени од зимски бури, поплави, лизгање на земјиштето. Наредбата на претседателот треба да им обезбеди на жртвите во окрузите Мерсед, Сакраменто и Санта Круз пристап до федералните фондови.
Националната метеоролошка служба (NWS) предупреди дека се очекуваат нови обилни врнежи и катастрофални поплави во долината на реката Салинас, важна земјоделска област јужно од заливот Сан Франциско.
Серија бури, кои ретко се појавуваат толку често по ред, ја погодија Калифорнија во изминатите три недели, во кои настрадаа најмалку 19 лица, а речиси 23 000 граѓани вчера останаа без електрична енергија.