Министерот Бујар Османи на брифингот за активностите на МНР соопшти четири амбасадорски имиња.
Нови амбасадори се Цуфи Исмаили во Брисел, во Анкара заминува поранешниот министер за одбрана и екс лидер на ЛДП Јово Манасиевски.
Актуелниот директор на тајната служба АНБ Виктор Димовски ќе биде амбасадор во Париз, Франција. Предлогот беше познат од порано, а ќе треба да се избере нов директор на Агенцијата за национална безбедност.
Ново име на листата е пратеникот Зекир Рамчиловиќ кој е избран за амбасадор во Подгорица, Црна Гора.
По овие информации , во јавноста се појавија бурни реакции за имињата кои се праќаат за амбасадори, а реагираа и од ВМРО ДПМНЕ. Од таму велат дека Рамчиловиќ е доказ за партизираната дипломатија и како преку распродажба на државните интереси се добиваат функции
Со поставувањето на Зекир Рамчиловиќ за амбасадор во Црна Гора владата на СДС и ДУИ продолжува да ја понижува и деградира македонската дипломатија. Наместо соодветен кадар кој достојно ќе ја претставува Македонија, власта за амбасадор поставува свој партиски послушник кој од дипломатија разбира само продажба на државните интереси на Македонија и преговори за фамилијарни вработувања, велат од партијата.
Така откако гласаше за промена на името на Република Македонија, СДС прво го награди Рамчиловиќ и го стави пратеник, а потоа наградата се прошири и за неговото семејство.Најпрвин си ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а потоа и неговиот син го вработи како полицаец. Очигледно е продажбата на државните интереси има цена, а цената на Рамчиловиќ е амбасадорско место и вработувања на семејството.Ваквите постапки на СДС и ДУИ се уште една причина зошто не смеат повеќе да останат на власт. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, нагласуваат од ВМРО ДПМНЕ.