Рекордни инвестиции во образованието

Општина Бутел продолжува со вложувања во образованието, со цел подобрување на условите за учење и создавање безбедна и современа средина за децата. Новото основно училиште во Визбегово е дел од проектот за модернизација на училиштата на територијата на општината.

„Позади мене е новоизграденото основно училиште во Визбегово. Тоа е сигурен доказ дека на место на најстарите основни училишта на територија на општина Бутел, Љубанци и Љуботен ќе изградиме две нови основни училишта“, истакна Костовски.

За време на неговиот четиригодишен мандат, како што нагласи, биле инвестирани рекордни 215 милиони денари во образованието.

„Обезбедивме ранче со прибор за секое прваче. Обезбедивме бесплатни униформи за сите ученици“, додаде тој.

Модерни кабинети и реконструирани дворови

Костовски потенцираше и дека се вложувало во инфраструктурата на училиштата:

„Обезбедивме и стипендии за најдобрите ученици. Инвестиравме во нови фасади, инвестиравме во нови информатички кабинети. Училишните дворови ги реконструиравме целосно. Изградивме нови детски игралишта и нови спортски терени.“

Фокус на децата и наредниот мандат

„Нашите деца остануваат во фокус и во наредните четири години“, заклучи Костовски, најавувајќи продолжување на инвестициите во образование и создавање на современи и безбедни училишни услови за сите ученици во општината.