Претседателката на Работната група за подготвување на предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, Маргарита Цаца Николовска вели дека нивниот мандат апсолутно не е да се редефинира Уставот и дека на јавноста треба да и биде јасно оти нема никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на она што значи Устав.
Лиферувањето на невистини за работата на работната група, според Цаца Николовска, треба да се стопира и македонската јавноста да биде правилно информирана што прави или ќе прави работната група.
Нашиот мандат апсолутно не е да се редефинира Уставот. Тоа што одредени личности тоа сакаат да прикажат, не знам од кај го вадат. Тие велат дека имаат од внатре луѓе кои им доставуваат вакви информации. Ние во самата Работна група, сме се договориле и сега повторно ги повикувам тие, ако постојат, ако лиферуваат одредени информации барем да лиферуваат вистински информации, да кажат што ние до сега сме работеле. Ние сме го работеле Деловникот токму заради овие ситуации да немаме бегање од тоа што ни е мандатот. Имаме и решенија коишто наведуваат што и како. Сè друго што политичките партии го зборуваат е нивно мислење и не можеме да го стопираме или негираме, рече претседателката Цаца Николовска, во гостувањето во емисијата „Утрински печат“
На јавноста, нагласи Цаца Николовска, треба да и биде јасно дека нема никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на она што значи Устав.
Македонскиот идентитет преку јазикот, преку постоење на народ е многу децидно наведен во апсолутно сите меѓународни и национални документи и да се прави само некоја збрка во целото ова опкружување, не е во ред. Не заради навредите што јас ги добивам, тие навреди нека им служат на чест на оние кои ги прават, меѓутоа народот треба да биде правилно информиран и не треба да биде манипулиран, нагласи Цаца Николовска.
Поранешната уставна судијка посочи дека во моментов работната група работи точно на она што треба да се смени во Уставот, односно во самата Преамбула, каде делот „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ би се проширил со набројување на делови на други народи.
Цаца Николовска нагласува дека овие промени ќе бидат направени преку уставни амандмани, зошто таква е процедурата на промена во Уставот, а што тие ќе содржат е друго прашање.