Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ е избришан од Централниот регистар, откако претходно министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се забранува здружение да го користи името на оваа контроверзна личност.

Министерот Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

Од Министерството посочија дека Комисијата смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество и дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата и тогаш најавија дека Решението ќе биде доставено до Централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.

Претходно со одлука на министерот за правда, а по мислење на надлежната Комисија, од Централниот регистер беше избришан и бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

Инаку, согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови беа обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се закануваше укинување. Рокот за поднесување на барањето беше до 16 февруари.