– Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа. Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, истакнува Царовска.
Во видео обраќањето, Царовска на учениците им порачува да имаат верба во себе и да не се откажуваат од зацртаните цели бидејќи образованието е најважната инвестиција во животот, а упатува и благодарност до родителите за посветеноста и придонесот за успешна реализација на наставата во услови на пандемија.
– Верувам дека со враќањето на физичката настава во училиштата ќе биде полесно за сите, вели Царовска.
Успешна работа министерката им посакува и на вработените во училиштата, нагласувајќи дека наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес.
– Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд се големи, а интересот е заеднички, нагласува Царовска.
Потенцира дека МОН е тука за сите кои имаат потреба од поддршка, но и потсетува на одговорно однесување во секоја прилика за време на овие вонредни услови за образованието и почитување на мерките и протоколите.
– Не заборавајте да бидете одговорни во секоја прилика за време на овие вонредни услови за едукација, заштитете го личното здравје и придонесете за безбедноста на другите околу вас, порачува Царовска.