Како што соопошти Министерството за образование и наука, Царовска на Самитот истакна дека земјава во новата концепција за основно образование, која стартува од септември, посебно внимание посветува низ образовниот процес да изгради идни генерации кои ќе ги почитуваат различностите и заеднички ќе создаваат општество во кое има место за секој.

Министерката ги повика девојките да не се сомневаат во своите способности за лидерство и да ги следат примерите на многуте девојки меѓу кои и учесничката на Самитот, Малала Јусафзаи, која преку својот активизам се бори против родовата дискриминација и родово базирано насилство.

Глобалниот Самит за лидерство за девојки е во организација на непрофитното Здружение „Girl Up“ кое има за цел да ги обедини и зајакне девојките и младите жени од целиот свет да се борат за еднаквост на правата, платите и животниот стандард.