Царовска додаде дека поради стабилната ситуација останува првото сценарио, односно физичко присуство и дека состојбата постојано се следи.

-Доколку Комисијата за заразни болести понатаму има различни информации и ако се случи нешто поинаку, МОН е подготвено да реагира и да го промени сценариото односно моделот на настава. Дотогаш во најголем интерес на учениците е училиштата да бидат отворени – изјави Царовска.

Во однос на вакцинацијата, Царовска, како и минатата недела, повтори дека околу 75 отсто од наставниците се вакцинирани и дека е тоа речиси двапати повеќе од националниот просек на вакцинирани. Таа посочи дека нема значителен отпор кај вработените во образованието кои, како и јавниот сектор, ќе бидат опфатени со мерката што ја предлага Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација или еднаш неделно приложување негативен ПЦР-тест.

-Значителен отпор не се јавува. Секако дека над тој процент е и процентот на тие што прележале и сметам дека во момент кога ќе се носат одлуките, ќе има решение за секој што е во системот на образование – вели Царовска.