-Како министерка, јас сум задоволна од имплементацијата на Концепцијата за основно образование. Задоволството го гледам и кај наставниците. Пред два дена имав фокус-група со наставниците од четврто одделение, пред една недела со наставниците од прво одделение и се гледа дека задоволството е големо и од учебниците, и од програмите, и од поддршката којашто ја добиваат, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Соопшти дека на 25 декември треба да добие извештај од советниците на БРО кои на терен ја следат работата на наставниците и нагласи дека МОН ќе продолжи со поддршката за наставниците кои предаваат по новите наставни програми.
-Ништо не завршува со донесување на концепцијата, туку, напротив, почнува еден нов реформиран систем на основно образование кој очекувам да ги даде првите резултати за пет години, а вистинските резултати како сме ги подготвиле учениците ќе ги видиме по завршување на нивното средно и понатаму со запишување и завршување високо образование. Затоа што недостатоците од основното образование ги гледаме на сите нивоа. Недостига критичко милслење кај нашите ученици, поврзување на знаењата и квалитетот на знаењежата што го добивале низ годините. Но, оваа иницијатива и овој почеток ќе значат понатаму подобро образовано насление, рече Царовска.
Концепцијата за основно образование беше донесена во март годинава и почна да се спроведува од септември со нови наставни програми во прво и четврто одделение. Планот на МОН е да се имплементира етапно и за пет години да го опфати целото деветгодишно основно образование.