На денешната прес-конференција, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, истакна дека целиот разузнавачки систем бил ставен во функција против претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, со цел задржување на СДС на власт.

„5 години претседателот Мицкоски бил таргет на АНБ и АР, бил следен и прислушкуван, и секој негов чекор бил документиран. СДС преку АНБ и АР воделе политичка битка. Службите за безбедност и разузнавање биле целосно злоупотребени.“

Петрушевски додаде дека, откако случајот е откриен, СДС наместо да се извини продолжува да ја „сее маглата“. Според него, целиот систем на СДС е демаскиран, а злоупотребени се АНБ, АР и Јавното обвинителство, кое преку Љупчо Коцевски ги следело мерките.

Тој посочи дека ниската доверба на граѓаните во судството и обвинителството, која според него изнесува само 2%, е последица на тоа што овие институции биле дел од системот за следење и прислушкување на политички противници, наместо да работат во интерес на граѓаните.

Пратеникот Петрушевски потенцираше дека за прислушкувањето и следењето мора да има одговорност и дека случајот не смее да остане неказнет.