Целосна реконструкција на улиците во Ѓорче Петров со поддршка од Светска банка
„Навистина е задоволство да се присуствува на почеток на овој проект, особено што води до една преубава црква стара повеќе од 100 години. Мислам дека со завршувањето на проектот, целиот овој дел од општината ќе добие свој нов лик којшто ќе е во корист на жителите кои што тука живеат, а секако отвори можности и други да доаѓаат и тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место“, изјави Николоски.
Тој додаде дека улицата на која се работи е дел од договорот со Светска банка за финансирање на локални патишта. Најави и нови буџетски планови за општини што покажуваат добри резултати.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме општина Ѓорче Петров, тука имавме доста проекти и во првиот и во вториот повик. Александар е одличен градоначалник и еден од најдобрите градоначалници кои што ги има државата и треба такви градоначалници да се поддржуваат. После завршувањето на локалните избори, очекуваме да достави нови проекти кои што ќе бидат надвор од овие буџети, односно спремаме еден специјален буџет за поддршка на шампионските општини“, рече Николоски.
Развој на индустриска зона ќе овозможи нови работни места блиску до домот
Николоски истакна дека планираното проширување на индустриската зона околу обиколницата ќе овозможи граѓаните да најдат работа блиску до своето место на живеење.
„Продолжуваме во оваа насока да работиме секаде каде што можеме. Таа индустриска зона многу значи за комуникацијата на жителите од овој крај и ќе продолжиме да ја развиваме. Идејата е луѓето да ја најдат својата работа блиску до местото на живеење“, заклучи Николоски.