Министерот за економија Крешник Бектеши очекува во почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи од пет до 12 – 13 отсто. Ако нема толкаво намалување, како што рече денеска по средбата со производителите и со претставниците на најголемите ланци маркети, ќе се донесат новите мерки што произлегуваат од Законот за трговија.

Тоа што им беше најголем товар на компаниите, се среди. Затоа во континуитет одржуваме состаноци со производителите на основните прехранбени производи. Тие може да ги достават нивните предлози и тоа, по мое барање, треба да се случи наредната недела. Таму каде што ќе има можност, ќе се интервенира од страна на надлежните институции. Но, согласно сите проекции и анализи очекувам такво намалување во речиси секој од производите наведени во Одлуката на Царинската управа. Да, може да се случи да има зголемување на цената на суровини кои се увезени, но секако дека има одредени механизми и за таму да може да се стабилизира и ако тоа е проблемот за да има дополнително намалување на цените, ние сме подготвени и тоа да го направени, но прво сакаме да видиме дека има волја дека кризата не треба да биде на товар на граѓаните, односно потрошувачите, туку сите да ја распределиме, истакна министерот.

Тој напомена и дека граѓаните може да пријавуваат на дневна основа во Државниот пазарен инспекторат ако забележат дека некаде нема намалување на цените на основните прехранбени производи.

Веќе почна трендот на намалување на цените на одредени производи, посебно на лебот, млекото, млечните и на некои месни производи. Одреден производител на млеко имаше пред 4-5 дена цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 – 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи. Согласно сите калкулации, ќе има дополнително намалување во наредните денови со оглед дека завршуваат сите постапки во ЕСМ продажба за склучување на договорите со компаниите приозводители на основните прехранбени производи, подвлече министерот.

На средбата производителите, како што рече Бектеши, биле информирани и дека се прават анализи за дополнителни мерки кои би требало да се донесат до крајот на годината.

На денешната средба со претставниците на производителите и на најголемите ланци маркети, како што информира Бектеши, станало збор за новиот закон за заштита на потрошувачите кој е веќе објавен во Службен весник.