Цената на нафтата денеска се искачи над 61 долар за барел на меѓународните пазари, додека трговците внимателно ги следат најавите за американските планови поврзани со снабдувањето од Венецуела.
На лондонскиот пазар, во попладневните часови, со барел се тргуваше по цена повисока за 1,17 долари во однос на вчерашното затворање и достигна 61,13 долари. На американскиот пазар, цената порасна за 1,02 долари и изнесуваше 57,01 долари за барел. Вниманието на пазарите оваа недела го привлече американскиот план за продажба на нафта од Венецуела.
Цената на нафтата
Кон крајот на минатата недела, американските сили ја нападнаа Венецуела и го заробија претседателот Николас Мадуро. Вашингтон соопшти дека има намера да го изведе венецуелскиот лидер пред суд под обвинение за „наркотероризам“, што Мадуро ги негираше на суд во понеделник.
По нападот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД имаат намера да „управуваат“ со Венецуела, при што продажбата на венецуелска нафта ја истакна како приоритет. Во исто време, Белата куќа сака да ги охрабри американските енергетски компании што е можно побрзо да се вратат во Венецуела и да инвестираат во обновата на нејзината инфраструктура, со цел да се добијат, како што наведуваат, „украдените“ средства.
Трамп пред два дена, во вторник, објави дека постигнал договор со Каракас според кој Венецуела ќе испорача до 50 милиони барели нафта во САД. Венецуелската државна нафтена компанија PDVSA, пак, во среда соопшти дека преговара со САД за продажба на нафта по „меѓународни цени“, без да прецизира колкави количини ќе бидат испорачани.
Венецуелската нафта
Во моментов, венецуелската нафта за американскиот пазар ја испорачува исклучиво компанијата „Шеврон“, со дозвола од Вашингтон и во партнерство со венецуелска државна компанија. „Шеврон“ досега дневно испорачуваше меѓу 100.000 и 150.000 барели венецуелска нафта во САД и е единствената компанија што извезуваше нафта од Венецуела под американската блокада во последните недели.
Разговорите меѓу Вашингтон и Каракас поттикнаа шпекулации на пазарот за тоа кога венецуелската нафта би можела повторно да се појави на светските пазари. Дел од пазарните учесници очекуваат брзо враќање, додека други сметаат дека венецуелските барели ќе мора да чекаат подолго. Во меѓувреме, САД запленија два танкери поврзани со Венецуела, што дополнително ги нагласи ризиците за снабдувањето.
Во вакви услови, вниманието на трговците беше насочено и кон податоците за залихите на нафта во САД, кои се намалија за 3,8 милиони барели, додека растот на залихите на бензин и дестилати остана во втор план. Одделни пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажуваат дека барел од кошничката на нафта на земјите членки во среда поевтини за 1,10 долари и се тргуваше по цена од 58,51 долари.
