По повод јубилејните, 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Внатрешната македонската револуционерна организација, Централната комисија на ВМРО-ДПМНЕ организира ексклузивна патувачка изложба на необјавени фотографии од македонски револуционери.

-„ЛИЦА НА РЕВОЛУЦИЈАТА“ – ИЗЛОЖБА НА НЕОБЈАВЕНИ ПОРТРЕТИ ОД МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕРИ

Во годината кога одбележуваме три значајни јубилеи, од кои секој е клучен и значаен за македонското ослободително движење: 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Внатрешната македонската револуционерна организација, Централната комисијата за култура на ВМРО – ДПМНЕ организира ексклузивна патувачка изложба на необјавени фотографии од македонски револуционери.
Изложбата „Лица на револуцијата“ која ќе патува низ пет македонски града свечено ќе биде отворена на 30.9.2023 (сабота) во 19:00 часот во галеријата на МАНУ, а свеченото затворање ќе биде во Битола на 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„Лица на револуцијата – Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии 1893 – 1934“ е изложба која со својот прониклив наслов ветува дека ќе биде повеќе од патување низ минатото. Станува збор за револуционерно истражување на едно клучно поглавје во македонската историја со досега необјавени фотографии од илинденската епопеја кои за првпат ќе ѝ бидат откриени на јавноста.

Во основата на оваа изложба лежи една цела ризница ретки и невидени фотографии, педантно собрани во текот на цела деценија од колекционерите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Нивната страст за историјата и фотографијата, заедно со немилосрдната потрага по историски артефакти, кулминира со изложба која несомнено ќе остави траен белег и кај македонската и кај меѓународната публика, како и меѓу научната јавност која го проучува периодот на револуционерните движења и борбата за слобода на македонскиот народ од крајот на XIX и првата половина на XX век.

Она што ја издвојува оваа изложба е ексклузивноста по однос на понудениот фотографски материјал пред публиката, внимателно селектирани и врамени 40 фотографии, кои ги доловуваат лицата и приказните на дел од македонските револуционери кои одиграле клучна улога во обликувањето на македонското револуционерно движење. Од предилинденскиот период, преку Илинденското востание, до постстилинденската ера (1893 – 1903 – 1934), овие фотографии ги оживуваат личностите и историските настани кои ја дефинираат македонската борба за слобода.

„Лицата на револуцијата – Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии 1893 – 1934“, нуди единствена можност за првпат во македонската историја да се погледнат и доживеат оригинални фотографии, индивидуални и групни портрети, кои прикажуваат револуционери од различни движења и струи во рамките на македонското револуционерно движење.

Освен портрети на револуционерни икони како Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Христо Батанџиев, Христо Чернопеев итн., изложбата содржи и фотографии кои го документираат учеството на македонските револуционери во Балканските војни 1912/13, Првата светска војна 1915/18, како и портрети од меѓувоениот период.

Ова ексклузивно претставување на досега необјавени фотографии е покана да зачекориме низ историјата, да се поврземе со личностите кои ја обликувале македонската нација.

Централна комисија за култура на ВМРО – ДПМНЕ, стои во нивниот пост на Фејсбук.