Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека вчера дел од просторот на депонијата Дрисла, од кој имаше чадење, е затрупан, а денеска процесот продолжува со засилено темпо. Тој посочи дека вчера биле извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка.
„Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем и не е причина за утринската магла во Скопје“, изјави Ангелов.
Дивата депонија Вардариште е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Од ДЗС исто така упатија граѓаните да се информираат преку надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, каде функционира Одделение за мониторинг на квалитетот на воздух, за официјални информации за загадувањето.