Брз раст и глобална експанзија
Компанијата OpenAI објави дека нејзиниот водечки производ, ChatGPT, сега го користат околу 900 милиони активни корисници секоја недела. Овој број ја покажува брзината со која алатките за вештачка интелигенција се интегрираат во секојдневието на корисниците ширум светот.
Во октомври минатата година, платформата имаше околу 800 милиони неделни корисници, што значи дека во текот на неколку месеци се приклучиле дополнителни 100 милиони луѓе. Најголем дел од растот се бележи не само во САД, туку и во земји како Индија, каде над 100 милиони луѓе неделно ја користат алатката.
Инвестиции и финансиски успех
Популарноста на ChatGPT е проследена со значителен инвестициски замав. OpenAI неодамна обезбеди инвестиции во вредност од 110 милијарди долари, со учество на големи технолошки компании како Амазон, Енвидија и Софт банка. Вредноста на компанијата по оваа инвестиција достигна околу 840 милијарди долари.
Сепак, развојот и одржувањето на системот е исклучително скап. Процените покажуваат дека трошоците за инфраструктура и развој на нови модели на вештачка интелигенција до 2030 година би можеле да достигнат 665 милијарди долари.
Конкуренција и идни предизвици
Во меѓувреме, Google со својот модел Gemini се обидува да освои поголем дел од пазарот, но OpenAI засега ја задржува водечката позиција. И покрај предвидувањата дека интересот за вештачката интелигенција ќе ослабне со текот на времето, статистиките покажуваат спротивното – бројот на корисници и инвестициите продолжуваат да растат.
