Чепреганов го потсетува Бучковски дека во 2006 година како премиер излегол со став дека македонските историчари се пречка за влезот на Македонија во Европа.
Шеснаесет години покасно, сега како специјален претставник за Бугарија повторно на политичката сцена е со задача да ги приближи ставовите меѓу Бугарија и Р. Македонија за изнаоѓање решение пријателствои добрососедство, а во рамките на тоа и личности и настани за заедничко чествување.
Текстот што следува е објавен на 8 јуни 2006 година како моја реакција на Вашата изјава. Вашите непроменети ставови само покажуваат дека ништо не сте прочитале од научните трудови на нашите научни работници од сферата на историјата за овие години и сеуште стоите на Вашите размисли овие 15 години. За жал. Она што следува е само дел од текстот објавен 2006 година.
Навистина Вашата изјава дека ‘историчарите се пречка за Европа’ ја примив со големо изненадување. Ако Вие и Владата сработивте се за влез на Македонија во Европа и за подобра иднина на македонскиот народ, а на патот Ви се испречија историчарите и тие Ви го расипаа тоа задоволство, може уште денес да преземете активности Институтот за национална историја и Институтот за историја (факултет по историја) веднаш да бидат затворени бидејќи тие се и единствено место каде историчарите работат и се едуцираат. Со тоа од една страна ќе се решите од оние кои се пречка за влез во Европа, а од друга ќе ви се даде можност заедно со бугарскиот премиер без било какви пречки да ги славите сите празници кои сакате.
Но дали и без историчарите би можеле македонската јавност да ја убедите во Вашите намери да чествувате со бугарскиот премиер? Не го потценувајте сопствениот народ. Колективната меморија е нешто што неможете да го избришите. Во тоа политиката нема никаква улога. Таа постои и живее и без политиката.
Г. Бучковски, досега не ми е познато некој од премиерите на балканските држави да дал изјава и приближно слична на Вашата. Не сум прочитал дека некој бугарски премиер ги критикувал бугарските историчари за тоа што не ги признаваат Македонците, нацијата, јазикот и историјата.
Уште помалку некој грчки, српски или албански премиер. Подалеку да не одиме. Останува самите да си го поставите прашањето зошто го правите тоа? Во едно не така далечно време ваквите изјави на политичари требаше да значат “ти зборам ќерко сети се снао”-дисциплинирање на оние кои не ја следат линијата. Опомена која значеше автоцензура и научна дисквалификација. Не сакам да верувам во ова, но некако ми призвучува на тоа. Во Вашата изјава во ‘Дневник’ велите дека ‘дел од историчарите не сака да го прифатат предизвикот што им го нудат политичарите’ и ‘сметам дека во минатото немало доволно добра клима и политичка волја за тоа’.
Почитуван г. Бучковски несомнено дека со ова сакате да кажете дека историчарите се конзервативни, влечат назад, неможат да излезат од националистичко-шовинистичките матрица, а со тоа се противници на новите предизвици и дека треба да излезат од ‘своите ровови’. Не можам да се согласам со оваа Ваша паушална констатација затоа што е сосема во спротивност со она што направиле историчарите во овие години од осамостојувањето на Македонија. Немојте да сметате дека историчарите се затворена каста која не следи што се случува на Балканот и Европа во однос на историјата и промените. Овде грешите многу. Вие како политичари не може да ни пружите никаков предизвик, како што Вие сакате да претставите. Предизвикот го праќаат историчарите, но само од Вас политичарите зависи дали ќе го прифатите или не.
Во многу случаи, а пример за тоа Ви се соседите, политичарите не можат да преминат преку државната, со години усталена политика и тие да излезат од сопствените ровови и да направат чекор кон, како што велите Вие Европа.
Но, како што гледаде тие и без да направат таков чекор, на добра волја, влегуваат во Европа, а ние…“
А денес како специјален претставник на владата на Р Македонија гледаме воопшто не сте отстапиле од Вашите претходни ставови и повторно пред комисиите да донесат било каква одлука за менување на учебниците Вие веќе тврдите дека „ќе се менуваат учебниците по историја, географија и литература“. Досега ни беше познато дека има само комисија за историја, а Вие сега зборувате и за менување на учебниците по географија и литература.
Дали тоа нешто се крие од јавноста!? Дали Вие тоа во договор со вашиот налогодавател зад кулисно работите на промена и на учебниците по географија и литература!?.
Само едно прашање кое логично се наметнува после оваа Ваша изјава, која влада Ве назначи за специјален претставник македонската или бугарската? Сте ги помешале страните. Или не според Вашето тврдење дека „дефинитивно имаме заедничка, а не споделена историја“ ние сме „сщиот народ“.
Не ќе да е така г. Бучковски, од заедничка историја нема ниту „з“, ако не го сметаме времето на окупацијата. Секој еден народ има своја историја, а тоа подразбира свои митови, колективна меморија, херои, обичаи и култура. Македонската и бугарската се разликуваат како „бог и шеширџија“.
Македонската историја ја пишувале, ја пишуваат и ке ја пишуваат македонски научни работници кои за тоа специјализирале, ако ја пишуваат други таа нема да биде македонска историја и нема македонски ИСТОРИЧАР и народ кој би го прифатил тоа. Вие како политичари прифаќате се и сешто само да дојдете до целта. За клучни идентитетски прашања за нацијата и државата не важи максимата на Макијавели „целта ги оправдува средствата“.
Во врска со обвинувањата на бугарската страна за говор на омраза во Македонија велите „Не можеме да ги спречиме универзитететите или академиците, кои говорат од свое име да прават штети (Штета правите Вие што не си ги почитувате сопствените идентитетски обележја, јазик, нација, култура б. м.). Во Македонија се бориме со тие провокации. Тоа ќе биде една од најделикатните задачи“. Кој сте тоа Вие г. Бучковски кои се борите со тие провокации.
Тоа Вие се заканувате со цензура, контролирано мислење, мислење по Ваша желба, а оние кои не мислат како Вас во зандани. Па во кое време живеете г. Бучковски!?!?!? Целиме кон Европа, а патот кој Вие го трасирате е наци-фашистичка диктатура. Сакате да кажете дека тоа е европскиот кодекс на однесување!? Тоа е начинот на кој Европа Ве учи како се доаѓа до решенија на одредени прашања.
Па нели Европа е семејство во кое се почитуваат човековите права, различностите. Па г. Бучковски Вие, мислев, дека сте македонски претставник во разговорите со Бугарија и дека како таков МОРА да ги застапувате МАКЕДОНСКИТЕ ИНТЕРЕСИ и само МАКЕДОНСКИТЕ. Но сигурно дека многумина се имаат излажано во тоа и затоа се тие написи на „универзитетите или академиците“ да спасат што може да се спаси и да укажат на погубната политика која ја водите Вие како орудие за реализирање на туѓи политики. Тоа во некои држави, се именува како велепредавство.
Сосема се согласувам со академик Коцарев кој вели „обвинувам за помор на македонскиот род, македонското име, за се што е македонско“. Вие и Вашите налогодавачи сте соучесник во тоа.