Неприфаќање! Отфрлање на било каков предлог кој и најмалку, и во најситен дел задира во македонскиот идентитет, јазик и култура. Историчарот, професор д-р Тодор Чепреганов вели дека со ваквиот француски предлог Македонија полека, полека ќе се бугаризира.

“Демократска Европа“ ги погазува сите принципи на демократија, само заради интересите на една држава. Бугарија преку ЕУ го добива тоа што четири години се бореше-денационализиран, асимилиран македонски народ кој што ќе остане без сопствена историја, а за жал има такви политичари кои сето тоа го прифаќаат, додава Чепреганов.

Смета дека Владата ќе го прифати предлогот, бидејќи како што вели тие немаат друг излез, затоа што не го слушаат народот. Ова е една политократија која е самобендисана и полтронска, под контрола на Европа и за да ги задоволи европските интереси го прифаќаат сето тоа што ќе им биде понудено, без да размислуваат за последиците во наредните години кој што ќе ги има целокупниот македонски народ!

Лидер: Со прифаќање на “новиот“ француски предлог, ќе има ли некој што се борел за македонската кауза, или ќе испадне дека Бугарија ја создала македонската држава?

-Мислам дека овој француски предлог е во основа бугарски предлог со француски целофан омоткан, во суштина го ништи сетоа она што до сега го постигнала Македонија на поле на идентитет, јазик и култура.
Со тоа што во текот на тие пристапни преговори ќе се разговара, 10, 15, 20 години може никогаш да не дозволат Македонија да влезе како суверена држава во Европската Унија. Туку полека, полека, ако трае тоа 20 години некоја нова генерација, со сите овие работи кои ги предвидуваат да ги направат со Договорот, Македонија ќе се бугаризира!
Полека полека, една генерација, друга генерација, и на крајот ќе го постигнат тоа што не успеаја да го постигнат за 4 години ќе успеат да го постигнат со “ демократска Европа“!

Лидер: Доколку се прифати предлогот, новите генарации ќе треба да учат нова историја. Вреди ли смената на историјата за почеток на преговори кои се поизвесно е дека нема да завршат?

-Апсурдно е! Нецивилизациски е ова што го прави, ајде Бугарија да ја оставиме настрана, тие не биле цивилизирани никогаш, меѓутоа нецивилизациски од страна на Европа!
Затоа што Европа си ги покажува сите свои принципи. Слобода на мислење, демократија…, сетоа тоа го погазува! Само заради интересите на една држава а во суштина асимилација и денационализација на еден народ. Кој што за жал има такви политичари кои сето тоа го прифаќаат!

Лидер: Една порака од Вас, што треба македонскиот народ да направи со оглед на тоа дека власта е во “јуриш“ да го прифати францускиот предлог?

-Сосема нормално, под такви услови едноставно е, неприфаќање на предлогот. Отфрлање на било каков предлог којшто задира и најмалку, и во најситен дел во македонскиот идентитет, јазик и култура. Неприфаќање!

Лидер: Сепак власта вели дека ја исполнува агендата за широка консултација пред прифаќање на предлогот. Остварени се среди со колиционите партнери, експертската јавност, опозицијата…

-Мене ми е јасно дека политички тие ќе го прифатат предлогот. Тие немаат друг излез, затоа што не го слушаат народот.Ова е една политократија која е самобендисана и полтронска, под контрола на Европа и за да ги задоволи европските интереси го прифаќаат сето тоа што ќе им биде понудено, без да размислуваат за последиците во наредните години кој што ќе ги има целокупниот македонски народ.
Затоа што полека, полека на тој начин тие ќе успеат да го постигнат тоа што за жал наши политичари го потпишаа, Договорот со Бугарија каде што се зборува за заедничка историја, за ист народ, за воспоставувањена заеднички херои… сето тоа го направивме ние самите. И за тоа треба да си одговараат сите македонски политичари кои учествуваа во тоа.

А единственото решение се знае, прекинување на Договорот и здравје кога ќе бидат подобри условите ќе можеме да продолжиме да работиме. А вака!- Едноставно реков, во 4 години не успеаа да го добијат она што го добиваат денеска во “демократска Европа“-денационализиран, асимилиран македонски народ кој што ќе остане без сопствена историја.