Чешка вчера пријави 22.479 нови случаи, што е најголем број во земјата од 10,7 милиони жители од почетокот на пандемијата. Овој дневен скок е зголемување од 54 проценти во однос на состојбата од пред недела дена и го надмина претходниот јануарски рекорд од 17.778 заразени во еден ден.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела предупреди дека Чешка е меѓу десетте европски држави каде ситуацијата е многу загрижувачка. Земјата целосно вакцинирала 57,6 отсто од населението. Бројките на инфицирани растат и во соседните држави Австрија, Германија и Словачка. Светската здравствена организација (СЗО) претходно соопшти дека бројот на заразени се зголемува во Европа, додека во другите делови на светот се намалува.