Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека програмите за локални избори мора да бидат резултат на широка соработка со граѓаните
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Иванка Василевска, на панел-дискусија организирана од Партискиот истражувачко-аналитички центар „Љубиша Георгиевски“, говореше за процесот на креирање на програмите на кандидатите за градоначалници и за улогата на граѓаните во нивното обликување.
Таа ја нагласи сложеноста на подготовката на изборни програми за локалните избори, бидејќи тие опфаќаат повеќе различни сегменти и бараат методолошка рамка, вистински избор на кандидати за градоначалници и советници, како и координирана работа.
„Досега одиме на добар пат. Она што можеме да го забележиме и од реакциите на граѓаните е дека сакаат да ги дадат своите идеи, пристапуваат до нас, нè препознаваат и навистина сето ова се правеше заеднички, со еден многу широк аудиториум и цениме дека истиот на крајот ќе вроди со вистински плод“, изјави Василевска.
Во продолжение, таа истакна дека клучот на успешна локална самоуправа лежи во чесен и транспарентен пристап.
„Во суштината на сите овие програми се гледа човекот, се гледа човечкото битие и се гледаат оние основни постулати врз основа на коишто и се гради локалната самоуправа како многу значаен фактор во современиот свет. Тука мислам пред сè на нула корупција, многу работа, проникливост… Добриот збор насекаде се слуша, а доброто работење, чесниот и непосредниот пристап со граѓаните доведуваат до тоа и проблемите што ќе се појават да можат лесно да се санираат“, рече таа.
Василевска ја спомена и поддршката што Владата ја обезбедува за капитални проекти на локално ниво, нагласувајќи дека градоначалниците мора да имаат менаџерски капацитет и способност да обезбедуваат донации и дополнителни средства за реализација на повеќе од ветеното.
Посебно внимание таа посвети на новиот Закон за локална самоуправа, кој е во завршна собраниска процедура и предвидува значајни новини: референдумско отповикување на градоначалниците, задолжително онлајн емитување на општинските седници и неделен прием на граѓани од страна на градоначалниците и претседателите на советите.
Василевска резимираше дека ваквите решенија ја унапредуваат демократијата и плурализмот, вредности кои, според неа, се столбот на ВМРО-ДПМНЕ.