– Празниците се посебни денови кои имаат моќ на обединување, на дарување и солидаризирање со блиските, со далечните, со познатите, пријателите и соработниците, кога секој наоѓа нешто убаво за споделување со другите. Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник. Затоа што, за жал, животот и светот не ги третира подеднакво сите луѓе, тагата и несреќата не се непознати за голем дел од човештвото и доколку постои барем и мала можност за враќање на насмевката и надежта на нечие лице, ние сме ја добиле нашата награда, наведува Џафери во честитката.

Тој потсетува дека оваа година беше тешка и тажна за нашата земја, за нашите граѓани и изразува надеж дека „веќе нема да бидеме ставени пред такви предизвици како земја, како граѓани и како човечки суштества и во овие мигови, кога наближуваат божиќните и новогодишните празници, ширењето на позитивни мисли на надеж, верба, меѓусебна почит и разбирање, солидарност, хуманост, пожртвуваност и сплотеност, се должност на секој од нас“.

– Ви посакувам добро здравје и благосостојба и уште еднаш – Среќен празник!, додава Џафери во божиќната честитка до католичките верници.