Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни Христијани им го честита големиот празник Рожденство Христово – Божиќ со желби за успеси здравје и среќа.

– Раѓањето на синот Божји ја симболизира надежта за подобро утре, мирот и спасението на човековиот род кој тој со себе ги донесе на овој свет.

Токму празничните божиќни мигови нека ги исполнат домовите на верниците со божјата светост и радост за веста за раѓањето на Спасителот. Срцата нека се исполнат со топлината и нека се пренесе гласот дека Богомладенецот Христос е роден.

Благословот Господов нека е над сите нас, да се насочиме кон добрите дела и хуманоста бидејќи тие се смислата на човекољубието и нашата христова вера, љубовта кон ближните и надежта за спасението.

Во празнични денови да си споменеме  и за сите оние кои страдаат поради растечката немаштија и да им пружиме рака, да направиме богоугоден гест и да им помогнеме. Луѓето кои живеат до нас, нашите соседи, без оглед на разликите се наши браќа и треба да си бидеме потпора во овие тешки времиња.

Така ќе се сплотиме и ќе застанеме рамо до рамо против предизвиците на новото време кои го ништат нашето општество и кои ја загрозуваат нашата татковина Македонија.

Криминалот и корупцијата се злото на ова доба, и тоа бара обединување и заедничка борба. Злото се поразува со добро, а народот во Македонија секогаш знаел да ја одбере страната на доброто и да биде на страната на победниците.

Така било во минатото и така ќе биде додека векот векува. Нека е честит и вековит празникот Божик. Нека е вечна Македонија. Христос се роди! Навистина се роди!, се вели во честитката од Мицкоски, по повод празникот Рожденство Христово – Божик, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.