Во честитката по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека „Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце и сите борци“
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката:
Драги сограѓани,
Илинден е сржта на македонската историја.
Илинден е срцето на македонската република.
Илинден е душата на македонската државност.
Илинден е тежок и прекрасен ден. Ден на неизмерна тага и радост. Ден на болка и гордост!
2 Август е денот на двата Илиндена. Крушевскиот, којшто ја роди идејата за Републиката. И асномскиот, којшто ја оживотвори.
Првиот беше искра. Вториот – пламен.
Првиот беше ослободителен крик. И херојска епопеја.
Вториот беше државна конституција. По победа.
Првиот посеа републиканско семе. Вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
Илинден е приказна што тече. Се пишува. Се допишува со крв и солзи. Со порази и победи.
Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува. Таа се изборува. И се заслужува.
Илинден нè обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите. Место од кое нема да се бега. Туку во кое ќе се доаѓа.
Илинден е пример за обединување. Заради заедничка цел. И општо добро.
Илинден е ден на тивка заклетва. Пред Никола. Пред Питу. Пред Даме. Пред Гоце.
И пред мноштвото знајни и незнајни борци. Дека она што го сториле за нас – вградувајќи се несебично во темелите на македонската државност – никогаш нема да го заборавиме. И нема да го засрамиме.
Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и љубов кон татковината – од срце ви го честитам Илинден. Празникот над празниците.
Нека е вековита македонската република!
Нека ни е вечен Илинден!
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова