Ми претставува чест од името на Собранието и од свое име да упатам искрени честитки по повод Успение на Пресвета Богородица и да Ви посакам над сѐ добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина, меѓусебна почит, разбирање и хармонија.

Годинава што полека ја одминуваме, за жал не донесе многу позитивни вести и настани. Беше ставена и се уште е во искушение нашата солидарност кон немоќните, нашата човечност кон посиромашните и нашата почит кон различните. Во моменти кога беше загрозен и голиот човечки живот, ние ја одбравме и се уште цврсто стоиме на вистинската страна, затоа што сме свесни за неправдата и неисправноста на посегнувањето по туѓите територии и животи. Во следниве месеци не очекува тежок економски и енергетски предизвик, без да ги занемарам политичките предизвици кои константно се дел од нашиот политички живот и јас се надевам дека и ние како политички претставници и институции, ќе ги најдеме најсоодветните и најдобри решенија за сите Вас почитувани граѓани.

До Вас упатувам честитки и искрена желба да најдеме сите во себе внатрешна сила и истрајност, да се прилагодиме кон новите дискурси и да придонесеме во полесно надминување на идните предизвици. Верата не учи да негуваме позитивни вредности, а празниците ги нагласуваат нив уште повеќе, така што, духот и пораката на хуманоста и разбирањето на овој празник нека надвладее над сите Вас што го празнуваат оквој голем празник.

-Ви посакувам убав празничен ден!, напиша во честитката претседателот на Собранието ,Талат Џафери