На социјалните мрежи вчера беше објавен апел за пронаоѓање на Самоил Костадиновски, внук на политичарот Љубе Бошкоски.
На 26-годишниот Самоил, според сведочењата пред три дена му се губи трага кај Амбасадата на Чешка Република во Скопје, а полицијата соопшти дека работи на расчистување на случајот, пренесува Слободен печат.
Сопругата на Бошкоски, Виолета за ММС ја потврди веста и раскажа дека се работи за нејзин внук од брат.
-Веќе четири дена го нема, никој ништо не знае, а полицијата трага. Самоил е дете од брат ми и има 26 години. Излегол од дома, наводно го викнале накај Кисела Вода или Драчево. Некој човек, каде што го оставиле автомобилот кажал дека излегол од својот автомобил и влегол во друг, каде имало тројца луѓе. Потоа кажале дека тоа се случило кај чешката Амбасада, наводно префрлен во украден автомобил. Засега никој ништо не знае, а телефонот му е исклучен, изјави Бошкоска.
Таа додаде дека семејството сè уште не ја знае причината за неговото киднапирање и оти Самоил не зборувал дома дали има проблеми.
Случајот вчера го потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
„На 04.03.2023 во 08.00 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26)“, се вели во полициското соопштение.
Од МВР велат дека преземаат мерки за да се пронајде момчето.