На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се четири иницијативи за оценување на уставност и законитост.
Судиите ќе расправаат по иницијативата поднесена на член 19 став 16 од Законот за административни службеници. Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член не се дадени никакви други дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд” пред кого незадоволниот административен службеник може да поведе постапка односно да поднесе тужба и да побара правна заштита. Дополнително, подносителот наведува дека оспорената одредба создава нејаснотија во праксата и остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен да постапува против одлуките на Агенцијата.
На дневен ред е иницијативата поднесена од Грански независен синдикат на полицијата од Скопје, а се однесува на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи. Подносителот смета дека согласно содржината на оспорената одредба, не му се дозволувало на Гранскиот независен синдикат на полицијата да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на независниот синдикат и на сите вработени во Министерството. Според наводите во иницијативата се привилигира само еден синдикат, а се дискриминирани другите два синдикати, поради што оспорената одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот.
Пред судиите ќе се најде и оспорена одредба за Одлука за Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1-општина Битола, донесена од Советот на општина Битола под број 09-135/5 од 08.10.2018 година. Подносителите на иницијативата наведуваат дека се повредува уставното право на сопственост бидејќи со ДУП-от се навлегува во градежни парцели кои се во приватна сопственост.
На дневен ред на денешната седница е и иницијативата поднесена за Решение на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, општина Центар, бр.17-8-302/1(314) од 03.08.2002 година. Подносителот го оспорува решението поради тоа што во барањето за денационализација како надоместок барал „не парил или обврзници”, туку друг имот од ист вид во сопственост на државата. Според наведеното во иницијативата постои повреда на членот 30 од Уставот кој гарантира право на сопственост и право на наследување , и повреда на членот 38 од Законот за денационализација.