Најмалку четири лица загинаа кога руски ракети вчера погодија куќи во украинскиот град Житомир, иако целта беше блискиот аеродром, изјави советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко.

Според него, се запалила станбена зграда во близина на базата на 95-та воздушна бригада во Житомир, 120 километри западно од Киев.

– Досега се убиени четири лица, меѓу кои и едно дете, рече тој.

Украинскиот министер за здравство Виктор Лијашко на својот Фејсбук профил напиша дека руските сили убиле педијатриски анестезиолог кога нејзиниот автомобил бил погоден додека го возела нејзиниот ранет внук во болница во селото Кухари, во регионот на Киев.

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека во понеделникот во периодот од 19.07 до 19.51 часот врз станбените делови на Харков биле истрелани вкупно 16 прецизно наведувани проектили.