Четири од пет деца во Појасот Газа страдаат од депресија, тага и страв, предизвикани од 15-годишната израелска блокада на таа крајбрежна територија, се вели во извештајот на организацијата Спасете ги децата (Save the Children).

За време на изготвувањето на извештајот, насловен „Затвореници“, беа направени интервјуа со 488 деца и 168 родители или старатели во Појасот Газа.

Блокадата на Газа е воведена во јуни 2007 година, што сериозно влијаеше на нејзината економија и драматично го ограничи патувањето. Тоа особено ги погоди децата, кои сочинуваат 47 отсто од населението на Газа од околу два милиона луѓе.

Околу 800.000 деца од Газа не знаат за живот без блокада, а доживеале шест многу опасни ситуации – шест ескалации на насилство и пандемијата Ковид-19.

Во извештајот се забележува дека менталното здравје на децата во Газа драстично се влошило од последниот сличен извештај пред четири години, при што емоционалните проблеми се зголемиле од 66 на 80 отсто.

Процентот на деца кои чувствуваат страв скокна од 50 на 84 проценти, оние кои се чувствуваат нервозни е 80 проценти, во споредба со претходните 55 проценти, депресијата е присутна во 77 проценти од случаите (претходно 62 проценти), а тагата се чувствува кај 78 проценти од децата (претходно 55 проценти).

Организацијата тврди дека повеќе од половина од децата во Газа размислуваат за самоубиство, а три од нив размислуваат за самоповредување.