Четиригодишното дете од Струмица, кое со тешки повреди беше донесено на Детската клиника во Скопје, во моментов е со стабилни витални параметри, на лекување и следење на Одделот за гастроентерохепатологија, потврди за МИА, директорката на Клиниката, Валентина Цвејоска – Чолаковска.
Во лекувањето се вклучени и колегите од Клиниката за детска хирургија, а конзилијарно е водено со повеќе субспецијалисти од Клиниката, појасни Цвејоска, Чолаковска.
Заради состојбата на девојчето, како што додаде таа, веднаш по приемот биле известени надлежните во Министерството за внатрешни работи, како и социјални служби и јавен обвинител од Струмица, кој повика и судски вештак.
На 17 јануари, од болницата во Струмица, со возило на Итна медицинска помош и во придружба на лекар, на Клиниката за детски болести било донесено четиригодишно женско дете, како што рече Цвејоска – Чолаковска, во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата.
Беа забележани бројни рани по телото, кои, според изјавата на мајката, биле од напад на куче, додаде директорката на Детската клиника.