До 18:00 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 14 се сè уште активни, два се ставени под контрола, а 17 се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според податоците на надлежните служби, активни пожари се забележани на повеќе критични локации низ државата:

Во Општина Дебар гори на месноста викана Над Боровите, со еден крак насочен кон селата Татар Елевци и Кораб и втор крак кон селото Бањиште, каде што горат смреки, папрат и трнливи грмушки.

Во Општина Чашка активен е пожар кај селото Јаболчиште, на месноста Биков Гроб, каде што се зафатени шума и ниска вегетација.

Во Општина Липково пожарот е лоциран кај селото Стрима, на местото викано Гури Куќ, каде што гори борова шума и ниска вегетација.

Во Општина Тетово огнот зафати пасишта над Боговинското Езеро на Шар Планина.

Во Општина Куманово гори депонијата Краста.

Во Општина Желино гори ниска вегетација кај селото Мерово, а ниска вегетација гори и во атарот на селото Врапчиште во истоимената општина.

Во Општина Ново Село огнот зафати стрниште во селото Мокриево, додека во Општина Новаци гори ниска вегетација и стрниште кај селото Добровени.

Во Општина Виница огнот гори на местото викано Слатина, каде што се зафатени ниска вегетација и ретка шума.

На подрачјето на Општина Сарај се активни две жаришта, и тоа мешана шума кај селото Раовиќ и ѓубриште кај селото Буковиќ.

Во Општина Бутел гори депонија во близина на Смилковското Езеро.

Во Општина Студеничани огнот зафати ниска вегетација и мешана шума кај селото Цветово.

Под контрола се ставени два пожари, и тоа во Општина Центар Жупа, кај селото Долгаеш на местото Три Чешми каде што гореше сува трева и нискостеблеста шумска вегетација, како и во Општина Студеничани, на потегот меѓу селото Драчевица и селото Цветово на месноста Калдиред, каде што гореше ниска вегетација.