Четврти ден се трага по исчезнатиот Петар. Нему му се загуби секаква трага во петок попладнето од селото Врбско. Не даде резултат и досегашната полициска потрага, потрагата од доброволци, од спасувачката служба, на пожарникари, со хеликоптер, но потрагата продолжува.

Продолжува интензивната потрага по детето Петар Џобоски, за кое неговиот родител пријави во петокот (25.02) вечерта дека се оддалечило од домот во село Врбско, општина Прилеп, информираат од МВР за КУРИР.

Во потрагата се ангажирани 102 полициски службеници, хеликоптер, службени кучиња, како и дрон, а во потрагата се вклучени и членови на Територијалната противпожарна единица Прилеп, членови на спасителната служба „Златоврв“, ловното друштво „Мукос“-Прилеп, жители на околните села, како и граѓани доброволци од неколку градови.

-Интензивната потрага продолжува се до пронаоѓање на детето. Поради големиот интерес на граѓани кои сакаат да се вклучат во потрагата, а со цел подобра координација, ги упатуваме да се јават на телефонскиот број на дежурната служба во с. Витолиште 071 268-594. Уште еднаш апелираме и до сите граѓани доколку имаат било каква информација која би помогнала за пронаоѓање на детето, да ја споделат веднаш со полицијата и да помогнат во потрагата, информираат од МВР.

Прилепското основно јавно обвинителство отвори предмет за исчезнатото дете. Како што информираа, во неделата, сослушани се родителите и повозрасниот брат на Петар, 19-годишниот Димитар.

Во разговорот со таткото на исчезнатото дете, Стојан Џобоски, тој објаснува дека последно го видел во петок откако го испратил со братчињата да наполнат вода од кладенец. Тој работел на селската куќа, а сопругата подоцна му кажала дека го нема нивниот син.

-Работев на покривот од куќата. Дојде Петар, малку тажен, не го зеле братчињата кои тргнаа да наполнат вода од кладенец кај селото. Го пратив да појде. Работев, но подоцна сопругата дојде и ми кажа дека го нема. Се упативме да бараме во околината, појдов по патеката, па да не заминал во погрешен правец, но никаде не го најдов. Почна да се стемнува, тогаш побарав помош. Бараа и од полицијата, ловџии, доброволци од селото Витолиште. Не може да го најдеме. нема трага, ниту од алиштата, ниту од него, вели Стојан Џобоски.

И братот на Петар, 19-годишниот Димитар вели дека не знае ниту може да претпостави каде е.

-Го видов со шишето за полнење вода, се вративме, тој беше таму. Само некако тажно ја погледна мајка ми, а потоа не знам, како да замина некаде, вели Димитар.