Зголемено ниво на присуство на афлатоксин беше откриено во млеко. Скандалот го откри опозицијата, а од надлежните институции смируваа дека млекото со зголемена концентрација на канцерогената супстанца не е стигнато до рафтовите во маркетите.
Сепак, докторот од Клиниката за Токсикологија Андон Чибишев смета дека веќе вознемирува што стана редовна тема за која докторите и медиумите коментираат извесен период.
Појаснува дека афлатоксинот е супстанца која ја излачува една габа, ја има обично во простории каде има одреден степен на влага и топлина. Најчестро се среќава кај зрнести растенија и така стигнува до прехранбените производи.
Чибишев потенцира дека за афлатоксин има податоци кои говорат дека претставува една од најканцрогените супстанции кои ги има во природата.
-Во последните две години чинам ова е четврти пат како на Македонија и на нашите надлежни институции ни влегуваат производи кои имаат зголемена концентрација на афлатоксин повисока од стандардите кои се пропишани. Тоа не го соопштуваат надлежните институции, туку ќе се најде некоја невладина организација или опозицијата, и ќе кажат дека во одреден производ има високо ниво на афлатоксин. Дури тогаш се алармираат надлежните институции и почнуваат да го коментираат тоа, да ја убедуваат јавноста дека производот е запленет, тргнат од употреба или вратен во земјата од каде е дојден, што мислам дека е недозволиво. Како наши производи кои ние ги извезуваме, како Хрватска на граница ги запре пиперките кои доаѓаа од Македонија и го информираше целиот систем на ЕУ и експресно ги вратија назад во Македонија. Како нашиве институции тоа не го детектирале на граница, значи производот е влезен во Македонија, дистрибуиран во трговска мрежа, кој знае колку време сме го консумирале и колку време некој го купувал. Тоа ме загрижува, вели докторот Чибишев во утринската емисија на Сител телевизија.
Посочува дека акутните труења со афлатоксин се исклучително опасни и тешки и можат да бидат животнозагрозувачки. Континуираниот внес на производи со повисока од пропишаната концентрација на афлатоксин, може особено штетно да влијаат по здравјето на децата и младите.
Чибишев вели дека институциите со многу несериозни изјави излегуваат во јавноста која, како што вели тој, треба да биде крајно информирана што влегува во државата.
-Јас веќе во ништо не сум сигурен. Не видовме доказ дека пиперките кои се вратени во Македонија се уништени, не видовме доказ иако беше најавено, дека млекото со афлатоксин е вратено, додава докторот.