Општината потпиша Меморандум со UNOPS во рамки на ЕУ-проектот „ЕУ за чист воздух“
Општина Ѓорче Петров направи значаен чекор во насока на подобрување на животната средина и енергетската ефикасност на јавните објекти. Денеска беше потпишан Меморандум за соработка со UNOPS, во рамки на ЕУ-проектот „ЕУ за чист воздух“, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и воведување модерни системи за греење во училишта и градинки.
„Денес направивме значаен чекор напред, потпишавме Меморандум за соработка со UNOPS, заедно со г. Марко Вујачиќ, Head of Programme – UNOPS South East Europe Multi-Country Office, во рамки на ЕУ-проектот „ЕУ за чист воздух“, со јасна цел – подобар квалитет на воздух и енергетски ефикасни јавни објекти“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Проектот ќе опфати пет основни училишта и три детски градинки во општината, каде што старите системи за греење ќе бидат заменети со современи топлински пумпи, енергетски ефикасни и еколошки системи.
„Со овој проект ги опфаќаме сите објекти на основни училишта и дел од градинките, со што се позиционираме како лидери помеѓу општините. Намалуваме загадување, обезбедуваме почиста животна средина, пониски енергетски трошоци и поздрави услови за нашите деца“, додаде Стојкоски.
Градоначалникот потенцира дека во партнерство со УНОПС и со поддршка од Европската Унија, општината продолжува одговорно и стратешки да инвестира во долгорочни проекти за чист воздух и енергетска ефикасност.
„За чист воздух, за енергија на иднината, за нашите деца“, порача Стојкоски.
