Општина Ѓорче Петров продолжува со конкретни теренски активности за уредување и одржување на каналската мрежа на својата територија, информираше општинскиот градоначалник Александар Стојкоски.

Во населеното место Стопански Двор во тек се интензивни градежни зафати за чистење на атмосферскиот канал со вкупна должина од 1.900 метри, кој има клучна улога во правилното одведување на површинските води. Досега се целосно исчистени 900 метри од предвидената траса, при што профилот на каналот се оформува со длабочина од околу 70 сантиметри и ширина од еден метар.

„Во Стопански Двор интензивно се работи на чистење на каналот со вкупна должина од 1.900 метри, кој има значајна улога во одведувањето на атмосферските води. 900 метри веќе се исчистени, со длабочина од околу 70 сантиметри и ширина од 1 метар. Со навремено одржување обезбедуваме подобар проток на водите, го намалуваме ризикот од поплави и ги заштитуваме домовите и имотот на нашите сограѓани“, вели Стојкоски.

Општинските власти истакнуваат дека целта на овие зафати е превентивно делување пред појавата на обилни врнежи, со цел да се спречат евентуални излевања и штети врз приватните и јавните имоти.

„Продолжуваме со одговорно управување, редовно одржување на инфраструктурата и грижа за безбедноста на секое населено место. Делата на терен се наш приоритет“, вели Стојкоски.