По одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) дека штрајкот го става во мирување попладнево пред седиштето на СОНК се собраа членови на синдикатот изразувајќи незадоволство од најновата одлука.
Одлуката на СОНК беше донесена откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.
Од СОНК изјавија дека мора да го почитуваат законот и дека доколку во текот на мирното решавање на спорот не се изнајдат соодветни решенија, повторно ќе го активираат штрајкот.
– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков.