Членови на грчката забранета организација Златна зора со маски и качулки на лицата упаднаа изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, која се одржуваше денеска во галеријата на солунската општина Каламариа.
На влезот од галеријата членовите на Златна зора залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“, јави МИА.
За инцидентот во Солун известени се Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се вели дека членовите на групата маскирани упаднале во галеријата и сакала да ја прекине изложбата. Тие се однесувале непристојно и вулгарно, по што си заминале. Немало физичко насилство или материјална штета, наведуваат од МНР, а била повикана полиција.
Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина веднаш стапиле во контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи, наведува МНР.
Министерството додава дека во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што, додаваат оттаму, и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.
Златна зора објави видео од инцидентот, во кое се вели дека ја запечатиле „скопската изложба во Каламариа“ и дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“.