Вашингтон со засилен притисок за прекин на конфликтот – Виткоф во Москва два дена пред рокот на Трамп

Американскиот пратеник Стив Виткоф денеска пристигна во Москва на мисија за последен обид да изврши притисок за прекин на конфликтот во Украина. Посетата доаѓа само два дена пред истекот на рокот што претседателот Доналд Трамп ѝ го постави на Русија, да прифати мир или да се соочи со нови санкции.

Виткоф беше пречекан од рускиот инвестициски пратеник Кирил Дмитриев, кој е и раководител на суверениот фонд за богатство на Русија. Државните руски медиуми ги прикажаа двајцата како шетаат низ парк во близина на Кремљ, јави новинската агенција Ројтерс.

Виткоф, според најавите, треба да се сретне со руското раководство, а од Кремљ соопштија дека можеби ќе има и средба со претседателот Владимир Путин. Засега тоа не е официјално потврдено. Посетата е од голема важност бидејќи Трамп, видно фрустриран од недостатокот на напредок во мировниот процес, се закани со нови мерки.

Трамп најавува санкции – Русија не отстапува од своите услови за прекин на огнот

Претседателот Трамп најави дека доколку не се постигне напредок во мировниот договор, САД ќе воведат високи царини за сите земји кои купуваат руска нафта. Специјален фокус има врз Индија, која заедно со Кина е меѓу најголемите купувачи на руски енергенси.

Кремљ реагираше дека овие закани се нелегални и потенцираше дека Русија е подготвена за прекин на огнот, но само под условите што таа ги формулирала во последните две до три години. Руските власти уверуваат дека нема да попуштат под притисок, дури и по цена на влошување на односите со Западот.

Аналитичарот Герхард Мангот, австриски експерт и член на група западни академици кои редовно се среќаваат со Путин, изјави дека посетата на Виткоф е последен обид да се постигне договор што ќе им овозможи на двете страни да го зачуваат својот углед.
„Не мислам дека ќе дојде до компромис. Русија ќе тврди дека е отворена за прекин на огнот, но под нејзини услови. Трамп ќе мора да го исполни она што го најави, зголемување на царините за сите што купуваат руски нафта, гас и ураниум“, рече Мангот.

Според проценките, шансите Путин да попушти се минимални. Тој верува дека ја добива војната и дека неговите воени цели се приоритет, дури и ако тоа значи отфрлање на шансата за подобрување на односите со Вашингтон и со Западот воопшто.