Новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, денеска положи свечена заклетва пред претседателот на Собранието Африм Гаши. Тој најави дека како прв човек на Комисијата, заедно со својот тим, ќе бара интегритет, одговорност и транспарентност. Ќе ги побара овие квалитети од сите институции во државата.
Чучуљ истакна дека функцијата за него претставува и чест и обврска.
аде
„За мене претставува, пред се, чест да бидам претседател на институцијата од која потекнувам, во која израснав како професионалец. Истовремено е голема одговорност, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува и Комисијата и државата на полето на борбата против корупцијата. Во таа насока како претседател на ДКСК ќе се залагам за транспарентна работа на институцијата, но и како тим ќе бараме одговорност и транспарентност од сите институции. Ние сме институција која го промовира интегритетот и ќе бараме интегритетот да се промовира и унапредува во сите институции. Само со таква заложба и со интегритет на институции и интегритет на носители на јавни функции ќе придонесеме за подобро општество и за намалување на корупцијата“, изјави тој.Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе биде фокус на ДКСК, Чучуљ посочи дека пред нив стојат бројни предизвици.
„Оценките на ЕК се такви какви што се. Како претседател ќе се залагам да ги поправиме тие оценки. Ќе треба напор, доста работа. Во моето интервју во Собранието кажав дека ќе се залагам за дигитализација, за превентивните алатки. Во фаза сме на подготовка на новата Национална стратегија, која се изготвува во инклузивен процес, со учество на сите релевантни фактори во државата. Како превентивна алтка се надевам дека ќе биде многу поконцизна и поспроведлива за разлика од претходната. Со тој механизам ќе придонесеме да се отстранат системските слабости кои генерираат корупција. Исто така напоменав дека во фокусот како претседател, се надевам ќе имам поддршка од целата Комисија, да ја зголемиме нашата проактивност во делот проверка на имотната состојба на избраните и именуваните лица бидејќи тоа е една од забелешките во Извештајот на ЕК, а е шеста препорака на ГРЕКО“, рече Чучуљ.
Тој беше избран едногласно на вчерашната седница во Собранието, каде доби поддршка од 82 пратеници.
