Флитвуд Таун, клуб од четвртата англиска дивизија од стадионот „Хајбери“, направи едно од најголемите чуда во историјата на ФА Купот. Скромниот аутсајдер успеа да го елиминира моќниот премиерлигаш Арсенал по изведување на пенали, предводен од младиот Конор Хоги и тренерот Мет Лоло.
Разликата меѓу двата клуба на табелата изнесува дури 84 места, со оглед на тоа што Флитвуд се наоѓа на далечното 18-то место во четвртиот ранг. На стадионот кој го носи истото име како некогашниот дом на Арсенал, околу 5.000 присутни гледачи сведочеа на историски натпревар во кој нивниот тим влезе како тотален аутсајдер.
Потегот на кариерата го имаше тинејџерот Конор Хоги, кој го реализираше решавачкиот пенал за победа, а претходно успешно го неутрализираше напаѓачкиот тандем на гостите Ѓокереш – Хаверц, проценет на 150 милиони евра. По натпреварот, младежот со препознатлив белфастски дијалект отворено ги опиша своите емоции.
„Немам поим, брате! Само што одбрав агол и ја шутнав топката, И потоа… Потоа едноставно трчав како навиен, ј**и се!“, изјави Хоги, поради чиј речник коментаторите мораа да упатат извинување до гледачите.
Самиот натпревар изобилуваше со необични случувања. Уште во првата минута судијата привремено го прекина дуелот бидејќи над теренот се појави дрон, што предизвика седумминутен застој. Домаќините поведоа преку Лупало Бија во 21-та минута, по што тренерот Микел Артета во игра ги внесе клучните играчи како капитенот Едегар, Гимараеш, Езе и Конса. Арсенал успеа само да израмни со голот на Ѓокереш, а Флитвуд издржа дури 26 удари кон сопствениот гол пред да обезбеди пенал-рулет.
„Најдобрата ноќ во историјата на нашиот клуб! Не сме луди или препотентни да мислиме дека можеме да се натпреваруваме со најдобриот тим во земјата. Моравме да преживееме, да го затвориме просторот и имавме среќа. Чекај, дали е ова четвртфинале? Немам поим каде воопшто отидовме“, изјави тренерот Лоло.
Клубот кој ги мина ранговите од аматерски статус до Лига 1 со шест промоции за само 12 години, неодамна се соочи со тешка криза и испаѓање во четвртата лига. Пред оваа сензација тие забележаа високи порази од Челтнам и Ексетер, примајќи шест гола.
„Во саботата патував во Ексетер, во вторник во Челтнам каде што губевме со 3-0 по половина час и се прашувате: Зошто воопшто го трошам животот на фудбал? И потоа доаѓа ова. Ова не е најдобрата ноќ на фудбалот, ова е најдобрата ноќ во мојот живот! Со буџетот што го имаме, да ги собориме шампионите е чудо! Буквално не го знам своето име! Телефонот ми гореше, добив 500 пораки за половина час. Го следам овој тим веќе 15 години“, раскажа еден долгогодишен навивач.
Екипата на Флитвуд во минатото се соочуваше и со финансиски банкрот, а светската јавност ја препознаваше по почетоците на кариерата на Џејми Варди. Сега тимот испиша нова страница елиминирајќи еден од најсилните состави во англискиот фудбал.
